Бизнис
15. December 2020 - 21:12

Наместо за плати во стопанството 6 милиони евра од помошта за Ковид-19 ќе завршат кај Јавни претпријатија

Наместо да се помагаат јавни претпријатија парите од ковид пакетите требаше целосно да се искористат за спас на стопанството, велат експертите. Владата пред неколку дена одлучи да донесе дополнителен сет на мерки од 8 милиони  евра, од кои повеќе од половина завршуваат кај ЈП Државни патишта, Водостопанство и МЖ Транспорт. Експертите велат дека со овие пари подобро ќе беше да се помогнат малите и средни бизниси кои се двигател на економијата, откоку да им се дадат на државните фирми кои и онака добиваат пари од буџетот, за  покривање  платите. 

За санирање на штетите од Ковид кризата од новиот сет на мерки речиси 2 милиони евра финансиска помош ќе добие МЖ Транспорт, фирма која подолг период работи со загуба и која премиерот Заев пред извесно време посочи дека е можно да се приватизира. 

Три милиони евра финансиска помош добива ЈП за Државни патишта кој исто така работи со загуби веќе подолг период.  

Водостопанство ќе биде помогнато со околу 600 илјади евра, пари кои ќе се искористат за покривање на две плати за околу 600-тини вработени. За покривање на примањата на вработените околу 200 илјади евра ќе добие и ГТЦ.

Владата донесе одлука 35 милиони евра, дел од средствата кои беа наменети за изградба на карго аеродрм во Штип да ги додели на 75 општини за реализација на 100 тина проекти. Во меѓувреме на страницата на агенција за администрација постојано се објавуват огласи за нови вработувања во државните институции.