Македонија
8. October 2019 - 16:41

Наместо пред Русковска, Боки 13 итно пренесен во болница

Боки 13 не даде исказ во обвинителството. Точно напладен беше донесен со полициска придружба од истражниот затвор, но кратко по предвиденото време за неговиот говор, пристигна возило на итната медицинска помош. Неговиот адвокат вели дека Јовановски почнал да повраќа а потоа изгубил и свест. По укажаната прва помош, Боки 13 на носилки беше изнесен од обвинителството и пренесен во градската болница „8-ми септември“.

Неколку часа Јовановски се задржа во градската болница. По укажаната помош и направени лабораториски и дијагностички испитувања, тој е повторно вратен во истражниот затвор во Шутка.

Неговиот адвокат вели дека не знае дали поради здравствената состојба ќе се одреди поблага мерка на претпазливост за Јовановски.

Екс шефицата на СЈО пак одлучи да не дава исказ пред својата колешка Русковска. На денешната средба со двајцата адвокати, ги известила дека не сака да дава одбрана во оваа фаза од постапката. Во четврток истекува и рокот во кој Јанева може да предложи докази во своја полза за случајот „Рекет“.

Во меѓувреме таа очекува од апелациските судии да ја разгледаат жалбата поднесена по одлуката на кривичниот суд да не и биде прифатена гаранцијата од три станови за да излезе од притвор.

Во транспортот на Боки 13 низ скалите во обвинителството, помагаше и затворската полиција. Недоличното однесување на еден од полицијаците го регистрираа телевизиските камери.