Бизнис
11. September 2018 - 19:40

Наместо на 58 рударите во пензија на 50 години

Рударите наместо на 58, ќе може да се пензионираат и на 50 години. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, рударите кои работат во подземен коп ќе се пензионираат и само со работен стаж од 35 години за жени и 40 за мажи. За секоја година пропорционално ќе се пресметува бенефицираниот стаж.

“Пропорционално се намалува и времето поминато на работа со бенефициран стаж. До сега тие требаше да акумулираат неколку години за да го остварат бенефицираниот стаж на пример 12 или 18 години. Сега за секоја година се пресметува бенефициран стаж и така побргу ќе навршат 40 години бенефициран стаж и ќе може да заминат во пензија”, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Овие законски измени во текот на следните две години ќе овозможат околу 100 рудари да заминат во пензија.

“Рударството е многу значајно за индустриското производство во Македонија и како сектор учествува со 8,31% во индустриското производство”, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Рударскиот сектор вработува околу 10.000 лица.