Бизнис
8. January 2016 - 13:06

Намалени трошоците за живот и цените на мало

Трошоците на живот лани во однос на 2014 година биле пониски за 0,3 отсто, а цените на мало за 1,3 проценти, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

Според ДЗС, движењето на трошоците било различно по одделни групи на потрошувачка. Намалување е забележано во групите Транспорт за 9 отсто и Комуникации за 4,9, додека пораст има кај Алкохолни пијалаци, тутун за 5,4 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 2, Здравје за 1,5, Ресторани и хотели за 1,2, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1,1, Рекреација и култура за 0,8, Облека и обувки за 0,4, Храна и безалкохолни пијалаци и Образование за 0,1 процент. Групата Останати стоки и услуги е на ниво од претходната година. 

Движењето на цените на мало, исто така, било различно. Намалување е забележано во групите Индустриско-непрехранбени производи за 3,4 и Услуги за 0,7 отсто, а пораст кај Земјоделски производи за 3,3 и Пијалаци за 0,6 проценти. Групата Индустриско-прехранбени производи е на ниво од претходната година. 

Трошоците на живот во декември 2015 година вo споредба со декември 2014-та се намалени за 0,3 отсто, а цените на мало за 0,4 проценти. Намалување на трошоците на животот е регистрирано и во однос на ноември 2015, за 0,1 отсто. 

Како што наведува ДЗС, намалувањето е резултат на пониските индекси на овошјето за 6,1 отсто, рибата за 2,1, конзервираната риба за 1, како и другите неспомнати прехранбени производи за 0,7, месото, свежото млеко и сувото овошје за 0,3 и тестенините за 0,2 процента.

Во декември 2015 година вo споредба со декември 2014-та, намалување на трошоците на живот е забележано и кај болничките услуги за 7,6 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,5, лековите за 1,6, течните горива и мазива за 0,7, гасот за домаќинствата за 0,3, електричните апарати-големи за домаќинствата и игрите, играчките и 
хоби за 0,2 процента. 

Пораст на трошоците, пак, има кај јајцата за 1,1 отсто, другото месо и зеленчукот за 0,7, другите млечни производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.3%, лебот и житариците, сувомеснатите производи и преработките од млеко за 0,2 отсто. 

Поголеми се трошоците и кај услугите за сместување за 15,3 отсто, пакет-туристичките аранжмани за 6,9, авионскиот превоз на патници за 6, стоматолошките услуги за 0,9, другите производи за одржување на станот, телефонските и факс апаратите и услугите за 0,6, материјалите за одржување и поправки на станот и електричните апарати-мали за домаќинствата за 0,4, обувките, цврстите горива за домаќинствата, услугите и средствата за лична хигиена за 0,3, мебелот и информатичката опрема за 0,2 процента.