Бизнис
21. јуни 2018 - 17:54

Намалена комунална такса за пробиштипските фирми

- Намалување на трошоците за правните лица во општина Пробиштип за користење на простор пред деловните простории за 40 отсто и зголемување на платите во ЈКП „Никола Карев“ - Пробиштип за 11,11 отсто се одлуките кои што советниците на Советот на Општина Пробиштип ги донеса на единаесетата редовна седница, а на која беа разгледани 13 точки.

Советниците во општинскиот Совет дадоа зелено светло на Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на комуналните такси во Општина Пробиштип, со која го намалија износот за користење на простор пред деловните простории за вршење дејност од осум денари, на пет денари по метар квадратен. Со ова трошоците на правните лица на територија на општина Пробиштип се намалуваат за 40 отсто. Исто така, Советот на општина Пробиштип даде Согласност на Правилникот за утврдување на платите и другите парични надоместоци на вработените во Јавното претпријатие „Никола Карев“ – Пробиштип.

Во писменото соопштение од Општина Пробиштип се вели дека после 10 години е зголемена платата на вработените во просек за 11,11 отсто. Со ова, иако во Пробиштип не се дозволи покачување на цената на водата, после долги години е исправена една голема неправда за вработените во комуналното претпријатие и по намалувањето на платите во 2014 година, сега се отвора можност за праведна и реална пресметка на личниот доход.