Балкан
17. February 2016 - 16:11

Намален напливот на мигранти од Турција во Грција

Напливот на мигранти и бегалци од земјите на Блискиот Исток и од Авганистан, од територијата на Турција кон соседните грчки острови, е намален во последно време, пишуваат денеска лондонските весници, повикувајќи се на извештаи од мигранстки центри во Грција.

Од почетокот на оваа година, околу 70.000 лица, повеќето жени и деца, влегле на грчка територија, на пат кон земјите од Западна Европа. Во текот на целата 2015 година преку Грција до државите на ЕУ се обидоа да се префрлат околу 850.000 бегалци.

Грчките власти и Брисел, сепак, стравуваат дека бранот бегалци ќе се засили со подобрувањето на временските услови, па Грција веќе изгради четири приемни центри за мигрантите на островите Лерос, Киос, Лезбос и Самос, додека петиот на островот Кос е во завршна фаза.

Камповите се создадени од преуредени бродски контејнери, како и од преуредени центри за засолнување во вонредни ситуации.

Владата во Атина беше остро критикувана од дел од земјите-членки на ЕУ, за нерегистрирањето на многу од мигрантите според европските стандарди, пред да бидат пуштени на патот преку „балканската рута“ кон Западот.

Дел од земјите-членки на ЕУ побараа од Брисел да ја казни Грција со привремено исклучување од Шенген зоната, но таквата идеја беше отфрлена.

Граничните власти на ЕУ сега и помагаат во Грција во справувањето со бегалците и посебно околу регистрирањето на луѓето.

Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, го осуди однесувањето на европските партнери, отфрлајќи ја како неразумна идејата Грција да се претвори во голем бегалски логор, за да и го чува грбот на Европа.

Грција бара товарот од мигранската криза да се подели рамномерно со сите во Унијата и се противи на затворањето на границите.

Реакцијата на Грција доаѓа по барањата од Вишеградската четворка за „зацементирање“ на границите на Грција кон Македонија и Бугарија.

Според медиумите во Лондон, за ова ќе се расправа на Самитот на ЕУ, утре и задутре во Брисел, но претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека „нема ниту правна, а ниту политичка основа“ ЕУ да соработува со земји кои не се во ЕУ, против земја-членка на Унијата.

Малку од земјите во ЕУ укажуваат дека мигрантската криза треба да се решава од Турција. Владата во Анкара побара од Брисел префрлање на ветените три милијарди евра, за справување со кризата, додека ЕУ бара од Турција претходно да го исполни ветеното и да ги дефинира проектите што ќе се финансираат со европските пари.