Бизнис
30. јуни 2020 - 13:17

Намален бројот на работници во индустријата, во мај бројот помал за 5,1 отсто

Бројот на работниците во индустријата во мај годинава, во однос на мај лани забележал намалување од 5,1 отсто, а за периодот јануари – мај годинава во однос на тој период лани има намалување од 4,2 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на работниците во секторот рударство и вадење на камен во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, бележи опаѓање од 0,9  отсто, во секторот преработувачка индустрија опаѓање од 5,6 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,4 отсто.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во мај 2020 година, во однос на мај 2019 година, бележи опаѓање кај енергија за 0,4  отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 6,1 отсто, капитални производи за 2,7 отсто, трајни производи за широка потрошувачка за 8,5 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 6,1 отсто.