Македонија
25. March 2019 - 11:39

НАкС: Неправилности во работењето на Интеруниверзитетската конференција

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека има неправилности и злоупотреби во  работењето на Интеруниверзитетската конференција, затоа што, според  негови сознанија, незаконски биле избрани членови на новите тела согласно со новиот Закон за високо образование –  Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација.

Интеруниверзитетската конференција,  во која се здружени  осумнаесет акредитирани универзитети во државата, со новиот закон од минатата година доби нови надлежности – да предлага и избира членови во телата кои треба да имаат клучна улога во регулативата и контролата на квалитетот во високото образование. Во неа членуваат ректорите и претседателите на студентските собранија на сите универзитети, еден директор на висока стручна школа, како и 20 члена кои се избираат од редот на редовните професори.

-Значи, интеруниверзитетската конференција би требало да брои вкупно 57 членови. Сепак, останува нејасно колкав е точниот број на членови на сегашната Интеруниверзитетска конференција, врз кој законски основ е дојдено до сегашниот состав и како се засметува кворумот потребен за донесување статут и носење одлуки, наведува НАкС.

Според нивни  сознанија, новата Интеруниверзитетска конференција се конституирала само со избор на староновиот претседател и со придодавање на ректорите на приватните универзитети, но без претседателите на студентските собранија на универзитетите, како и без да бидат избрани нови членови од редот на универзитетските професори. Дополнително, како што наведува синдикатот, не е исполнета законската обврска за јавност во работењето преку изготвувањесопствена веб-страница на која треба да се објавуваат актите, одлуките и јавните повици, како и информациите за закажаните седници.

Според синдикатот, на 18 март била одржана седница  и предложени и избрани членовите на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, позиции за кои јавниот повик не бил објавен на веб-страница, како што пропишува новиот закон.

-На седницата  на 18 март 2019 година, претседателот проф. д-р Никола Јанкуловски на присутните членови им сервирал „статутарно поткрепена’’, дискриминаторска предлог-номинација (наместо вистински избор), која ја изготвиле ректорите на јавните универзитети уште на седницата на 26 февруари, со однапред определени имиња за веќе поделените места по универзитети. Поради револт од самоволието и оневозможеноста да се разгледуваат и оценуваат сите кандидатури и, конечно, поради потребата да се престане со принципот на негативна селекција, а со цел да бидат избрани најдобрите кандидати, членовите од неколку универзитети ја напуштиле седницата, Според нашите сознанија изборот бил извршен со не повеќе од 19 члена, т.е. без кворум. Со ваквата фарса е прекршено словото на Законот, а истовремено е повреден личниот и професионалниот интегритет на нашите колеги, кои попусто се пријавиле на јавниот повик, наведува Независниот академски синдикат.
Поради тоа, синдикатот го повика министерот за образование и наука веднаш да ја поништи одлуката за избор на предлог-членови и членови на Националниот совет, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација; да се конституира нова Интеруниверзитетска конференција согласно законот и да ги суспендира сите донесени акти и одлуки.