Македонија
4. May 2021 - 16:45

Највозрасните граѓани помеѓу првите за вакцинација во Штип

Започна масовната имунизација во Штип, за жителите од источниот и југоисточниот регион. Наместо во 8 часот, како што првично беше најавено, имунизацијата стартуваше два часа подоцна, од причина што преку „Мој термин“ биле закажани за после 10 часот, за лицата да можат да стигнат навреме. Денеска први се вакцинираа најстарите жители од двата региони, еден од вакцинираните е на 100 годишна возраст.  Тие не успаеле да се вакцинираат во своите матични општини.

- Јас мислам дека ова е за добро, не за лошо, оти гледаме колку народ „си отиде“, изјави Илија Иванов, с. Драговишта, Виничко.

- Човекот е стар, 90 години, па мора да биде заштитен, изјави внукот на Илија.

- Ќерка ми прележа и затоа се вакцинирав. Ми вели, додека не се вакцинираш, не доаѓај кај мене, изјави Милева Петрова од Радовиш.

- Добро ќе биде. Како нема да биде добро, кога за добро се работи, изјави Марица Арсовска од Свети Николе.

 За денес е предвидено да се аплицираат 1000 вакцини. На секои 3-4 дена ќе бидат доставувани нови контингенти со вакцини.

- Со оглед на тоа дека досега имаме пријавено 20 000 пациенти од Источниот регион, мислам дека брзо ќе се симне старосната граница и ќе бидат повикани и другите граѓани, изјави Снежана Трајковска, директорка на Здравствен дом Штип.

Во процесот на масовната вакцинација, покрај штипските медицинари учествуваат и нивните колеги од јавните здравствени установи од Радовиш, Кочани, Виница и Пробиштип.