Живот
24. April 2019 - 12:33

Најтажниот ден во христијанството Велики петок - ден за лесни оброци и големи молитви

Велики петок е еден од најтажните денови во христијанството. На овој ден, Исус Христос бил распнат на крстот на Голгота.

Овој празник е ден на голема жалост, па затоа се одбележува со строг пост, воздржување од веселби и прослави, а според традицијата, на овој ден не треба да се извршуваат никакви обврски, ни надвор ни во домот. Црковните ѕвона не ѕвонат на овој ден.

Ви предлагаме 5 јадења на вода што можете да ги јадете на Велики петок…

Палента на вода
Направете палента со малку вода и сол. Во посебно тенџере продинстајте малку кромид и лук, прелејте ги со доматен сок во кој сте додале малку оригано и сол, па оставете сето тоа да зоврие. Прелејте ја палентата со доматниот сос и уживајте!

Крем-чорба
Состојки:
2 компири
2 моркови
1 главица кромид
300 грама спанаќ
2 чешниња лук
Приготвување:
Ставете го зеленчукот во тенџере, прелејте го со вода и посолете. Варете го на тивок оган околу 1 час. Со миксер изматете го зеленчукот. Послужете го со коцки сув леб.

Пита со ориз и праз

1 праз
300 грама варен ориз
сол и бибер
кисела вода
1 пакување кори за пита
Приготвување:
Исечкајте го празот, па динстајте го на малку вода. Кога ќе се издинста, додајте му варен ориз и зачини.

Одвојте еден лист од корите за пита, па наросете ја со неколку капки кисела вода, потоа на неа стуткајте уште еден лист кора за пита, па обилно филувајте го со ориз и праз, завиткајте и ставете ги во тепсија. Кога ќе ги наредите и останатите кори, посипете се’ со кисела вода и ставете во рерна да се пече околу 20 минути на 200 степени.

Грав на вода
Состојки:
½ килограм бел грав
250 грама кромид
1 морков
1 сува пиперка
2 лажици брашно
сува пиперка
сол
Навечер, потопете го гравот во вода да отстои прекуноќ. Утредента исцедете го, прелејте го со друга вода и ставете го да зоврие. Повторно исцедете го и прелејте го со вода. Додајте исечкан кромид, морков, сува пиперка и варете додека гравот не се свари како што треба. Разматете брашно во малку вода, додајте малку сув пипер, па сето тоа додајте го во гравот што врие. Посолете по вкус и тргнете го јадењето од оган.

Ризото од зеленчук
Состојки:
150 грама грашок
150 грама моркови
150 грама пченка
1 шолја бел ориз
сол, бибер
свеж магдонос
куркума (по желба)
Приготвување:
Сварете го зеленчукот во малку вода, па кога ќе биде речиси готов, додајте добро измиен ориз. Оставете го сето тоа да врие десетина минута, а потоа тргнете го од рингла. Додајте сол, бибер и свеж магдонос и промешајте. Може да додадете и куркума по желба.