Македонија
31. December 2016 - 10:24

Најстудено и најмногу снег во Маврово и Лазарополе

Најниска температура, минус 13 степени Целзиусови, во Македонија изутринава во седум часот е измерена во Маврово, каде снежната покривка  е 12 сантиметри, а 12 степени под нулата се регистрирани во Лазарополе и Крушево каде пак има 13 односно четири сантиметри снег, соопшти изутринава Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Берово се регистрирани минус девет степени, минус осум во Прилеп, Битола, Пожаране, Претор, Ѓуриште, Крива Паланка, Тетово и Тополчани, минус седум во Охрид и Виница,  минус четири Скопје-Зајчев Рид, минус триСкопје-Петровец, Штип и Куманово, минус два Струмица, минус еден Дојран и Демир Капија, а нула во  Гевгелија.

Според УХМР, денеска претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, а долж Повардарието претпладне и засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од минус два до пет степени. Во текот на новогодишната ноќ ќе преовладува ведро и студено време со слаб до умерен северен ветер и температура од минус 10 до минус два степена.

Во Скопје претпладне умерено облачно, а попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен северен ветер. Максималната температура до 3 степени, а во текот на новогодишната ноќ околу минус седум  степени.

До вторник ќе преовладува стабилно и суво време со студени утра, а преку денот ќе  сончево со мала до умерена облачност. Утринските температури насекаде ќе бидат под нулата од минус 13 до минус пет,   на планините ќе се спуштат и до минус 15 степени, а дневните од утре ќе бидат во благ пораст. Во средината на наредната недела ќе има преодно наоблачување со слаб локален дожд во пониските места и слаб снег на повисоките места и планините.