Свет
21. October 2021 - 15:21

Најсиромашните земји добија само 14 отсто од ветените вакцини против Ковид-19

– Во анализата „Доза на реалноста: Како богатите земји и фармацевтските компании ги кршат ветувањата за вакцините“ на Сојузот за народни вакцини се наведува дека до најсиромашните држави доставени се 261 милиони вакцини против Ковид-19, што е само 14 проценти од 1,8 милијарди дози, колку што ветија богатите земји.

– Речиси една година од кога вакцината е достапна, во најсиромашните делови од светот комплетно се вакцинирани со две дози 1,3 проценти од населението, се посочува во анализата.

Најмногу дози обезбедиле САД, речиси 177 милиони, но тоа е само 16 од 1,1 милијарди колку што ветија, додека Јапонија испорача една третина од ветените дози односно 18,9 милиони. ЕУ, Исланд и Норвешка најавија 500 милиони дози, а испорачале 52 милиони.

Велика Британија вети дека ќе донира 100 милиони дози за сиромашните земји, но досега достави помалку од 10 проценти односно 9,6 милиони, а Канада испорача 3,2 милиони односно осум проценти од ветените 40 милиони дози.

Во анализата се наведува дека ветувањето не го одржаа и фармацевтските компании. Џонсон и Џонсон, Модерна, Астра Зенека и Фајзер-Бионтек ветија 994 милиони дози за меѓународната програма за дистрибуција на вакцини КОВАКС, но досега обезбедиле само 120 милиони, што е 15 пати помалку од 1,8 милијарди дози доставени до богатите земји. Џонсон и Џонсон и Модерна се уште немаат испорачано ниту една доза за КОВАКС.

Сојузот за народни вакцини предупредува дека годинава најмалку 100 милиони дози вакцини би можеле да останат неискористени и да пропаднат поради на рокот на траење, а бројката до средина на 2022 година би можела да се искачи на 800 милиони.

Сојузот за народни вакцини е меѓународна коалиција составена од повеќе од 50 организации, меѓу кои и Оксфам, Екшн Ејд, Амнести интернешенел, Афиркаски сојуз и УНАИДС.