Македонија
9. October 2015 - 9:16

Најмногу рекламации за загубени поштенски пратки

Корисниците на поштенските услуги  во првата половина од годинава поднеле 2.302 рекламации, од кои 2.164 до Македонска пошта, а  138 до останатите даватели на поштенски услуги, покажуваат податоците на Агенцијата за пошти.

- Оваа година најмногу рекламации се поднесени за загубени поштенски пратки од страна на националниот оператор и тоа вкупно 2.046. Во 2.030 случаи на поднесени рекламации корисниците неосновано приговарале. Што се однесува за рекламациите кои се поднесуваат до останатите поштенски оператори по основ на оштетени пратки,  забележана е бројка од 56 рекламации, вели директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски во интервју за МИА, по повод 9 Октомври - Светскиот ден на поштенскиот сообраќај.

Според Атанасоски, корисниците на поштенските услуги се запознаени со рекламациските постапки и поднесуваат рекламации до сите поштенски оператори. - По поднесените приговори и рекламации, давателите на поштенските услуги имаат законска обврска во одреден рок во зависност од типот на  пратката да одговорат по истите. Доколку понатаму корисниците не се задоволни од одговорот имаат можност во втор степен  да се обратат кај нас во Агенцијата за пошти, нагласува  Атанасоски.

Агенцијата за пошти во соработка со сите поштенски оператори работи на проект  „е-приговор“ со кој ќе се изработи веб апликација за прикажување информации за начинот на поднесување приговори. Целта е на корисниците да се овозможи лесен начин за пополнување приговор до давателот на поштенските услуги. Вработените од Агенцијата ќе имаат можност за нивна обработка на приговорите и преглед на статистички извештаи во врска со нив. Апликацијата ќе биде јавно достапна за сите корисници. Со отворање на соодветниот линк на корисникот ќе му се прикажат информации за постапката при поднесување приговори во преку неколку чекори, вели Атанасоски.

Тој информира дека Агенцијата за пошти презема активности за реализација на иницијативата за измена на царинските прописи за подигнување  на вредноста за ослободување од плаќање царински давачки на стоката која се увезува од странство преку поштенски пратки од 45 на 150 евра. За ова прашање Владата во првата половина од годинава дала конкретни насоки  до надлежните министерства со што, според Атанасоски, работите тргнале на подобро, а Царинската управа презема низа активности за олеснување и забрзување на преносот на меѓународните пратки.

- За особено важно ја сметаме афирмацијата на можноста за усно пријавување на стоката без да се пополнуваа царинска декларација во форма на единствен царински документ (ЕЦД). Ова можат да го користат и физичките и правните лица кога преку поштенски оператори увезуваат стока со вредност до 800 евра. Усно декларирајќи ја стоката содржана во поштенска пратка, било да е ЕМС, препорачана или пратка преку брзите пошти, корисниците-примачи се ослободуваат од долги процедури и што е важно  не мора да плаќаат за трошоци за шпедиција, кои трошоци често ја надминуваат и вредноста на самата стока. За оваа постапка се обучуваа вработените од Македонска пошта заедно со цариниците кои работат со поштенски пратки во меѓународниот поштенски сообраќај, појаснува Атанасоски.

Според него, зголемувањето на интернет нарачките во последните две години нужно наложува подобрување на условите за работа во поштите за царинење каде пристигаат и се царинат пратките и воведување нова ИТ технологија која ќе го подржува процесот и ќе овозможи брзина и сигурност на поштенските текови и општо подобрување на капацитетите на националниот оператор. Македонска пошта, посочува, континуирано работи на подобрување на условите во изменичната пошта во Скопје, но секако има уште доста да се направи.

- Во оваа насока Агенцијата за пошти, Царинската управа и Македонска пошта, работат на оценување на можностите за воведување и на софтверско решение кое ќе ги покрива и барањата за проценка на ризик од можни злоупотреби на царинските прописи во поштенскиот сообраќај, вели Атанасоски.

Од следната година до 2018 година во соработка со Светскиот поштенски сојуз ќе се спроведува заеднички проект за реформи во поштенскиот сектор во согласност со УПУ методологија за интегрираните планови за реформи во поштенскиот сектор. Методологијата за интегрирани реформи во поштенскиот сектор  е прифатена од страна на земјите учесници како единствен концепт кој на земјите им овозможува успешно имплементирање на поштенски реформи. Таа методологијата до сега е имплементирана во 80 земји членки на Светскиот поштенски сојуз.

Агенцијата за пошти, според Атанасоски, е во завршна фаза на поедноставување на начините и условите за пристап до поштенската мрежа како составен дел на Правилникот за општите услови за обезбедување на универзалната услуга. Таа измена на подзаконските акти се предвидува да стапи во сила до крајот на годинава. Со поедноставената регулатива се предвидува јасно дефинирање на условите под кои давателите на поштенски услуги ќе ги предаваат пратките во пристап, јасно дефинирање на видовите на поштенски пратки кои можат да се предаваат во пристап, дефинирање на точките за пристап во кои давателите на поштенски услуги ќе ги предаваат поштенските пратки, дефинирање на обврските на Давателот на универзална услуга за примените пратки во пристап, појаснува Атанасоски.