Бизнис
27. January 2017 - 19:44

Најмногу лични податоци се злоупотребуваат на Фејсбук

Близу 360 претставки, од кои 80 отсто отпаѓаат на повреди на социјалните мрежи, добила Дирекцијата за заштита на личните податоци лани.

Најголем дел се однесувале на лажни профили на Фејсбук, и помал на хакирање на веќе постоечките профили и злоупотреба на фотографии. Бројката е во благ пораст и, според директорот Горан Трајковски, е одраз на зголемената свесност за оваа сфера кај граѓаните.

Тој  оцени дека личните податоци се под ризик насекаде во светот, па би било смело да се каже дека се безбедни во Македонија. Клучна е превенцијата и чекорите кои граѓанинот самиот ги презема за да ги заштити своите податоци.

- Од една страна неспорно е дека станува збор за основно човеково право – правото на приватност, меѓутоа, секое право повлекува и одговорност. Во делот на превенцијата апелираме на обврската секој граѓанин да ги штити своите лични податоци, да ја штити својата приватност. Во тоа ние можеме само да помагаме, меѓутоа како апсолутни заштитници ниту македонскиот орган за заштита на лични податоци ниту кој било друг светски орган за заштита на лични податоци не може да гарантира сто отсто на заштита на личните податоци, рече директорот на ДЗЛП.

Народниот правобранител порача дека се неопходни кампаљи за подигање на свеста и зајакнување на институциите за заштита на уставни и законските права на граѓаните во оваа област.

На денот за заштита на приватноста Дирекцијата ја презентираше Нацрт-стратегијата (2017-2020) и најави нов закон за заштита на личните податоци во склад со новото европско законодавство кое ќе стапи на сила во 2018.