Македонија
20. March 2019 - 11:17

Најмладите од Делчево се запознаа со работата на општинската администрација

Изградба на затворен градски базен во Делчево, изградба на велосипедска патека и сала за куглање, но и чиста вода за пиење и поголема хигиена на улиците. Ова се дел од идеите за подобрување на животот во општина Делчево кои денеска беа доставени од 70-ина ученици од четвртите одделенија од деветолетката „Ванчо Прке“ во рамки на денешната посета на општинската зграда. На средбата градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, истакна дека дел од овие барања веќе се влезени во годишната програма за работа.
 
– Со задоволство можам да кажам дека има доста добри идеи од учениците од кои некои веќе се влезени во програмата за работа, а во општината приоритетни за реализација се проекти кои ги решаваат инфраструктрните проблеми на граѓаните, истакна Трајковски.
 
Додаде дека освен ова учениците се запознале со начинот на функционирање на ЕЛС, органите, секторите, одделенијата кои работат во рамките на ЕЛС, нивната функција и улога.
 
Посетата на општината се реализираше како дел од наставата по предметот Општествени науки, а следна ваква средба е најавена и со учениците од деветолетката Св.Климент Охридски.