Свет
13. November 2019 - 8:44

Најмалку тројца Палестинци загинаа во воздушните напади на израелските авиони врз Газа

Тројца Палестинци се убиени во продолжението на израелските воздушни напади врз позициите на Исламски џихад во Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на оваа палестинска територија на брегот на Средозмено море.

Со нивната смрт бројот на убиени Палестинци во вчерашните воздушни напади се зголеми на девет, наведуваат француските медиуми.

Меѓу новите жртви се и високо рангиран командант на Исламски џихад и неговата сопруга.

Телата на трите најнови жртви се најдени на место што беше погодено од израелската војска крај местото Меит Лахија, на северот од Појасот Газа, јавија израелските медиуми.

Најновото насилство меѓу Израел и екстремистите од Појасот Газа почнаа вчераутро кога во воздушен напад на израелските авиони беше убиен командантот на Исламски џихад за северниот дел на Газа, Баха Абу ал-Ата, за кого израелските претставници тврдат дека е одговорен за напади врз Израел и дека се подготвувал за нови.

Неговото убиство предизвика жесток одговор и за само неколку часа беа истрелани 50 ракети врз јужниот и централен дел на Израел.

Ракетирањето беше продолжено во текот на целиот ден и врз Израел беа истрелани вкупно 190 ракети.

Проодлжени се и израелските одмазднички напади и најновиот судир се заканува целосно да го наруши Договорот за прекин на огнот постигнат пред неколку месеци со посредништво на Египет меѓу Израел и движењето Хамас,кое владее со Појасот Газа.