Свет
12. May 2016 - 12:33

Најмалку тринаесет загинати во три самоубиствени напади во Јемен

Најмалку 13 јеменски војници денеска погинаа во три одвоени напади на бомбаши самоубијци, припадници на Ал-Каеда, пренесуваат светските агенции.

Бомбашите ги активирале експлозивните направи во автомобили во трите напади врз јеменската војска во југоисточното пристаниште Мукала, потврдија воени извори.

-Најмалку 13 војници погинаа, а повеќемина се ранети во источниот град Мукала што владините трупи го ослободија минатиот месец, по едногодишното владеење на Ал Каеда, изјави претставник на војската.

Според него, бомбаш самоубиец со возилото полно со експлозив удрил во капијата од базата во округот Калф.

- Веднаш уследила и втората екплозија во центарот на воената база, додаде тој.

По експлозијата пред базата дошло до директен судир меѓу припадници на Ал Каеда и јеменската војска, наведуваат агенциите.

На третиот бомбаш самоубиец, според агенциите, цел му била резиденцијата на генералот Фараја Салмен, кој  успеал да побегне неповреден.