Свет
20. February 2022 - 10:33

Најмалку седум исламисти загинаа во воена операција во Алжир

– Алжирската армија вчера убила седум вооружени исламисти во североисточниот дел на земјата, соопшти Министерството за одбрана.

Како што пренесе Бета, за време на воената операција запленети се шест калашникови, снајперска пушка, големо количество муниција, средства за комуникација и лекови.

Алжирската војска редовно известува дека уапсила или убила „терористи“, термин што властите го користат за да ги означат вооружени исламисти кои останале активни од граѓанската војна (1992-2002).

Во тој период загинаа околу 200.000 луѓе.

И покрај Повелбата за мир и помирување од 2005 година, вооружените групи продолжуваат да спроведуваат спорадични операции.

На 1 јануари алжирското Министерство за одбрана соопшти дека биле убиени 23 „терористи“ и оти 222 лица кои ги поддржуваат исламистичките вооружени групи биле уапсени за време на операциите спроведени од армијата во 2021 година.