Свет
25. October 2016 - 8:40

Најмалку 60 убиени и над 120 повредени при напад врз полициски центар за обука во Пакистан

Најмалку 60 лица се убиени, а над 120 - повредени при напад врз полициска школа крај градот Куета, главен град на провинцијата Белуџистан во Северозападен Пакистан, соопшти претставник на локалната полиција, пренесува ДПА.

Меѓу повредените има доктори и припадници на безбедносните сили.

Министерот за внатрешни работи на провинцијата Белуџистан Сарфараз Бугти утрово рече дека операцијата за чистење на полициската школа од напаѓачите е завршена.

Нападот е извршен од тројца вооружени напаѓачи-самоубијци, изјави Бугти. Напаѓачите, кои носеле елеци со експлозиви, се мртви

- Двајца од напаѓачите-самоубијци се саморазнесоа, предизвикувајќи жртви, а третиот беше убиен од нашите војници, рече генерал-мајор Шер Афган во соопштението објавено во весникот „Дон“.

Според него, зад нападот стои пакистанската сунитска терористичка група „Лашкар е Џангви ал Алми".

Напаѓачите зеле 250 лица за заложници, кои после прочистувањето на центарот биле ослободени, додаде Афган.

Истото полициско училиште, во кое се школуваат над 700 курсисти, беше нападнато во 2006 и во 2008 година.