Свет
14. September 2017 - 21:48

Најмалку 60 лица загинаа во двоен бомбашки напад во Ирак

Најмалку 60 лица загинаа, а 97 се повредени денеска во двоен самоубиствен бомбашки напад во близина на ирачкиот град Насирија, соопшти локалната полиција.

Меѓу загинатите има цивили и припадници на безбедносните сили, а убиени се и шестмина напаѓачи.

Во првичниот полициски извештај се наведува дека меѓу жртвите има и 15 ирански државјани.

Според полициски извори, нападите се извршени во два ресторана во провинцијата Ди Кар. Во првиот ресторан влегле вооружени лица и отвориле оган врз посетителите, а потоа активирале автомобил-бомба во близина на контролен пункт на безбедносните сили и пукале кон нив, по што избегале во непознат правец. Вториот напад бил извршен врз ресторан покрај пат, кој ги поврзува провинциите Ди Кар и Басра.

Болнички извори тврдат дека бројот на жртвите би можел да се зголеми, имајќи предвид дека неколку луѓе се наоѓаат во критична состојба.

Одговорност за нападите презеде џихадистичката група Исламска држава. Тоа е најсмртоносниот напад во Ирак откако ИД беше протерана од Мосул.