Свет
15. October 2017 - 7:23

Најмалку 50 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Сомалија

Најмалку 50 лица загинаа, а над 80 се повредени во најголемиот самоубиствен бомбашки напад во центарот на главниот град на Сомалија, Могадишу.

- Тоа беше камион-бомба. Експлодира на крстосницата К5, изјави полицаецот Мухамед Хусеин.

Според очевидци поголемиот број од жртвите се цивили. При експлозијата биле уништени десетици автобуси на јавниот превоз и околу 100 автомобили. Причинета била огромна штета и на околните згради. Градоначалникот на Могадишу, Саабид Абди, кој го посети местото на нападот, побарал да бидат ангажирани повеќе булдожери кои ќе ги вадат жртвите под урнатините.

Сомалискиот министер за информации, Абдирахман Јарисоу го осуди „ужасниот напад на терористите“, обвинувајќи ја за тоа екстремистичката група Ал Шабаб.

Се уште никој нема преземено одговорност за нападот, но групата Ал Шабаб често извршува бомбашки напади во Сомалија.