Најмалку 33 луѓе загинаа при израелски напад врз бегалски камп во Појасот Газа
Најмалку 33 луѓе загинаа при израелски напад врз бегалски камп во Појасот Газа, соопштија палестинските власти. Портпаролот на палестинското министерство за здравство информираше дека уште 44 лица се повредени.
Израелскиот министер за одбрана рече дека му нанеле тежок удар на Хамас уништувајќи ја неговата клучна воена инфраструктура, комуникации, бункери и тунели.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен утрово се состана со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Западниот Брег.
Посетата на Блинкен во Рамала не беше најавена во првичниот план за неговата дипломатска турнеја. САД предлагаат повремени паузи во воените дејствија за да им се овозможи на хуманитарните конвои да стигнат до цивилите.
Израелските одбранбени сили денеска соопштија дека повторно ќе го отворат коридорот за евакуација на цивили од северниот дел на Газа на југ од енклавата, и покрај вчерашниот напад.
Аеродромот во германскиот град Хамбург останува затворен откако маж вчера вечерта со автомобил ги пробил заштитните огради и се паркирал на пистата. Според информациите кои ги објавуваат германските медиуми, со него во автомобилот има 4 годишно девојче.
Полицијата потврди дека станува збор за 35 годишен маж кој автомобилот го паркирал под еден авион.
Аеродромот е практично опколен од полициски сили кои преговараат со мажот за надминување на ситуацијата.
Германските медиуми објавија дека мажот е вооружен и дека веќе пукал кон полицијата, но германската полиција не ги потврди овие информации.
Аеродромот во Хамбург соопшти дека се одложени повеќе од 286 летови кои требало да превезат близу 35.000 патници.
Иако десетина имиња се уште се во игра, на денот кога САД одбројува точно една година пред претседателските избори експертите очекуваат трка меѓу Трамп и Бајден.
Економијата и миграциската политика се очекува да бидат клучните теми во предизборниот период а фокус ќе биде ставен и на конфликтите во Украина и Газа.
Експертската јавност е поделена околу влијанието на кривичните процеси кои се водат против Трамп на неговиот рејтинг но се согласуваат дека еден од главните проблеми со кои треба да се соочи таборот на
Бајден ќе биде неговата возраст имајќи предвид дека ако биде избран со 81 година ќе биде најстариот американски претседател.
Изборите за претседател на САД ќе се одржат на 5 ноември идната година.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар