Свет
24. April 2016 - 10:44

Најмалку 31 лице загина во насилствата во Сирија

Најмалку 31 лице загина вчера во Сирија, каде ескалацијата на насилството се заканува да го уништи кревкото примирје во услови кога опозицијата поддржана од Саудиска Арабија и Западот, ги напушти мировните преговори во Женева.

Дваенаесет лица, меѓу кои и деца, загинаа во воздушни напади, извршени од владините сили во квартови во Алепо, кои се под контрола на бунтовниците.

Шест лица загинаа, а 25 беа ранети во терористички напади во Алепо, изјави сирискиот премиер Вале ал Халки.

Провладината телевизија Ал Ихбарија прецизираше дека сирискиот огранок на Ал Каеда и други групации нападнале делови од градот, кои се под контрола на режимот.

Тринаесет лица, меѓу кои жени и две деца се убиени кога артилеријата на владините сили извршила напад врз бунтовничкиот бастион Дума, предградие на Дамаск.

Како одоговор опозициските борци извршиле минофрлачки напад врз два кварта во сирискиот главен град, од кој едниот е на неколку стотина метри од руската Амбасада. Нема информации за евентуални жртви.

Вчерашните напади ставија крај на затишјето во Дамаск по стапувањето во сила кон крајот на февруари на прекинот на огнот, кој беше договорен со посредство на Русија и САД.

Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Стефан де Мистура изјави дека мировните преговори меѓу режимот и опозицијата во Женева ќе продолжат до среда, како што е планирано. Истовремено тој призна дека двете страни во конфликтот се крајно поларизирани. 

Рускиот центар за помирување на завојуваните страни во Сирија во меѓувреме соопшти дека се регистрирани девет нарушувања на режимот на прекин на огнот во изминатите 24 часа. Четири од нив се регистрирани во крајбрежната провинција Латакија, а пет во провинцијата Дамаск.

Според Русија прекинот на огнот бил почитуван во повеќето сириските провинции.

Началникот на „генералштабот“ на салафитската бунтовничка група Ахрар ал Шам загинал синоќа во самоубиствен напад во северозападната сириска провинција Идлиб, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.

Маџид Хусеин ал Садек бил убиен заедно со уште тројца борци на Ахрар ал Шам во напад врз штаб на групацијата во градот Бениш. 

Ахрар ал Шам е една од најсилните бунтовнички групи во Сирија, Создадена е во 2011 година, а според некои информации е финансирана од Турција и арапските сунитски монархии од регионот на Персискиот Залив.