Свет
7. February 2017 - 15:59

Најмалку 30 лица загинаа во воздушни напади во Сирија

Во воздушните напади врз сирискиот огранок на Ал Каеда утрово загинаа 30 лица, меѓу кои и цивили, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

Невладината организација со седиште во Лондон соопшти дека најмалку 10 воздушни напади биле извршени врз седиштето на Фронтот Фатех ал Шам и околината во градот Идлиб.

- Меѓу жртвите има и цивили, пред се жени, изјави шефот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман.

Тој додаде дека можно е бројот на жртвите да е поголем бидеќи има луѓе заробени под урнатините, а некои се водат како исчезнати.

Рахман посочи дека воздушните напади најверојатно ги извршиле или руски авиони заедно со силите на сириската Влада или бунтовничката коалиција поддржана од САД.

Фатех ал Шам изминатите недели е изложена на растечки притисок во Идлиб, единствена сириска провинција која се уште е под контрола на опозицијата.