Свет
2. March 2018 - 15:14

Најмалку 27 лица уапсени во заедничка операција на српската и шпанската полиција

- Во заедничка акција на српската и шпанската полиција уапсени се 27 лица и запленети се над 75 килограми марихуана.
 
Во Шпанија уапсени се 26 лица од кои 14 се државјани на Србија, потоа државјани на Црна Гора, на Босна и Херцеговина, на Хрватска, на Литванија и на Шведска. Додека во Србија приведено е едно лице.
 
За време на последното апсење во Шпанија запленети се 2.337 садници на марихуана во различни фази на зрелост, 75,2 килограми веќе собрана марихуана, 56.000 евра, четири возила, еден мотор и два пиштоли.
 
Се претпоставува дека криминалната група во Шпанија ја организирал српски државјанин, кој со другите членови инсталирал повеќе илегални лаборатории за одгледување и производство на марихуана, која потоа била продавана на криминални групи во земјите на Европска унија.
 
За време на операцијата што ја водеше српската полиција учествувале и полицајци од Франција, од Италија и од Германија кои во текот на 2017 и 2018 година во повеќе акции уапсиле седум лица - петмина државјани на Србија и двајца Романци. Кај нив било пронајдено вкупно 254 килограми марихуана.
 
Од криминалната група до сега вкупно се одземени 330 килограми марихуана, уапсени се 34 луѓе, а по едно лице се трага.