Свет
1. May 2016 - 13:41

Најмалку 18 лица загинаа во два бомбашки напади во Ирак

Најмалку 18 лица загинаа, а 40 се повредени денеска во експлозија на два автомобила-бомби во центарот на градот Самава во јужниот дел на Ирак, соопшти локалната полиција.

Првата експлозија се случила во близина на зградата на локалната влада, а втората околу 60 метри подалеку, во близина на автобуска станица.

На фотографиите објавени на интернет може да се забележи голем облак дим како се издигнува над зградата, како и изгорени автомобили и мртви тела на улицата, меѓу кои има и деца.

Полицијата наведе дека се очекува бројот на загинатите да се зголеми, бидејќи повеќето од повредените се наоѓаат во тешка состојба.

Засега никој нема преземено одговорност за нападите.