Свет
31. March 2018 - 9:24

Најмалку 17 луѓе загинаа, а 1.400 се повредени при судирите во Појасот Газа

Бројот на жртвите од вчерашните судири помеѓу Палестинците и израелската армија во пограничниот регион на Појасот Газа се искачи на 17, а 1.400 лица се повредени.

Тоа е најголем број на жртви во Појасот Газа од војната на израелската армија против Хамас во летото 2014 година, што траеше 50 денови.

Појас Газа

Илјадници Палестинци вчера го почнаа шестнеделен протест под шатори долж границата со Израел со барање да им се дозволи на палестинските бегалци да се вратат во Израел. Тие поставија десетици шатори на пет локации долж границата.

Организатор на протестите е Хамас. Првиот ден од протестите се совпадна со „Денот на земјата“ кога Палестинците им оддаваат почит на шестмина невооружени Палестинци, кои беа убиени во судир со израелските сили за време на демонстрации против конфискувањето земјиште на 30 март 1976 година.

Според израелската армија Палестинците ги нападнале припадниците на израелската армија, распоредени долж границата, со запалени гуми и камења, а  израелските војници возвратија со солзавец и огнено оружје.

Појас Газа судири

Лидерот на военото крило на Хамас во Појасот Газа, Јахија Синвар изјави дека Израел треба да го почитува барањето на десетици илјади Палестинци, кои демонстрираат за правото на враќање во своите домови во Израел, кои ги напуштија по создавањето на еврејската држава во 1948 година.

- Маршот за враќање ќе продолжи. Нема да престанеме додека не се отстрани границата (помеѓу Газа и израел), најави Синвар.

Поради судирите, на барање на Кувајт, синоќа се одржа седница на Обединети нации. 

ОН знаме

- Обединети нации стравуваат дека ситуацијата во Појасот Газа може да се влоши во следните денови, изјави  помошник на генералниот секретар на ОН за политички прашања Таје-Брук Зерихун, пред почетокот на седницата.

Тој го повика Израел да се придржува до преземените обврски согласно меѓународните човекови права и хуманитарното право, истакнувајќи оти сила треба да се примненува само како последно средство, а цивилите, посебно децата не треба да бидат мета.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека е длабоко загрижен и побара независна истрага за смртните случаи. Тој апелира вмешаните страни да се воздржат од какви било акции, кои би можеле да го зголемат бројот на жртвите.

Палестинскиот претсатвник во ОН, Ријад Мансур изјави дека во вчерашните судири во пограничниот дела на Појасот Газа, израелската армија убила 17 луѓе, меѓу кои и деца под 16 години. Тој операцијата на израелската армија ја нарече „масакр“ над палестинскиот народ.