Свет
12. December 2015 - 21:53

Најмалку 16 загинати во експлозија на автомобил бомба во Хомс

Најмалу 16 лица загинаа денеска во сирискиот град Хомс од експлозија на автомобил бомба, соопшти ДПА.

Нападот бил целно избран во алавитското предградие Аз Зара, информира Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Сирискиот претседател Башар ал- Асад е алавит, забележа ДПА.

Меѓу загинатите има војник и полицаец, додаде центарот, чие седиште е во Велика Британија.

Според информации на британските медиуми, во предградието, контролирано од владините сили, имало две експлозии, и тоа во близина на болница. Во нападот имало десетици ранети лица, додаваат британските медиуми.

Сириската државна агенција Сана информира дека во нападот загинале осум лица, а автомобилот бомба бил наполнет со најмалку 150 килограми експлозив.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Само пред неколку дена околу 750 бунтовници и мирни граѓани беа евакуирани од квартот Ваер, во Хомс, согласно спогодбата со режимот на Асад, склучена со посредништво на ОН. Ваер приближно две години беше под опсада на силите на режимот.