Свет
19. August 2022 - 8:24

Најмалку 13 загинати во смртоносни бури во Европа

Најмалку тринаесет лица загинаа вчера во силно невреме во Европа. Две деца, на возраст од четири и осум, загинаа во јужна Австрија кога дрва паднаа во близина на езеро во Корушка. Десетина луѓе се повредени, од кои некои потешко. Три лица загинаа при во Долна Австрија.

Во Штаерска, Корушка и Источен Тирол возовите мораа да застанат поради прекин на електричната енергија поради невремето, а паднатите дрвја блокираа и некои патишта, соопштија властите.

Шест лица загинаа на Корзика, соопштија француските власти.Дрво падна врз 13-годишно девојче во кампот во Сагон на западниот брег на островот

На југот на островот, 72-годишна жена загинала кога покрив на куќа паднал врз нејзиниот автомобил. Загинаа и жена во кајак, рибар и уште две лица.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин, кој е во посета на Корзика, изјави дека ветрот на островот дувал со брзина и до 200 километри на час.Во невремето се повредени 12 лица, од кои едно потешко. Поради невремето без струја останаа 45.000 домаќинства.

Силно невреме ги погоди и другите делови на Франција, поплавувајќи ги улиците на Марсеј и блискиот Касис.

Две лица загинаа во невремето во Тоскана. Дрвја паднаа врз маж и жена. Пожарникарите имале 150 интервенции во Лигурија и Тоскана. Централниот регион Емилија Ромања исто така беше тешко погоден од невремето.

Европа цело лето е зафатена од екстремни временски услови, што според експертите е последица на климатските промени.

Шумски пожари има на југот на Италија, на Сицилија и на островот Пантелерија, а северот од земјата го зафати невреме по долга суша.

Шпанија, како и Франција, беше опустошена од шумски пожари, но дождот барем овозможи да се стави под контрола пожарот во Валенсија. Речиси 2.000 луѓе се евакуирани, но сега можат да се вратат, објавија шпанските медиуми.

Европската унија ги регистрира најлошите шумски пожари во овој период од годината од почетокот на заедничкото набљудување во 2006 година, според Европската комисија.