Свет
31. August 2016 - 8:44

Најмалку 11 лица загинаа во северна Јапонија од тајфунот Лионрок

Најмалку 11 лица загинаа денеска во североисточна Јапонија, откако моќен тајфун го зафати регионот, предизвикувајќи поплави, соопштија локалните медиуми, цитирани од ДПА.

Девет лица починале во поплавен дом за стари и изнемоштени лица, возрасен маж се удавил во надојдената река во градот Иваиѕуми, во префектурата Ивате и една постара жена починала во градот Куџи. Три лица се водат за исчезнати на северниот остров Хокаидо.

Тајфунот Лионрок предизвика невидени поројни дождови во северните региони на Јапонија.  Многу реки се излеаја од своите корита, а надојдената вода урна повеќе мостови.

Јапонската агенција за метеорологија предупреди за уште поплави и лизгање на земјиштето, иако Лионрок - десеттиот тајфун во Азија сезонава, ослабна синоќа до тропска депресија, минувајќи над Јапонското Море.

Ова е првиот тајфун кој ја погоди североисточна Јапонија од 1951 година.

Повеќе од 170.000 лица беа евакуирани, вклучувајќи и 38.000 во Офунато, соопшти Агенцијата за управување со пожари и природни несреќи. Повеќе од 10.000 домови во северниот регион останаа без струја, откако ветрот ги оштети каблите за пренос на електрична енергија.

Ивате, која беше најтешко погодена од тајфунот, е една од областите која се уште се опоравува од штетите од цунамито во март 2011 година, кога од земјотрес и цунами загинаа повеќе од 18.000 лица.