Македонија
23. December 2017 - 15:00

Најголема реевиденција на иконите и фрескоживописот во прилепско

Прилепскиот „Завод и музеј“ работи на обемниот проект „Реевиденција на иконографскиот и пишан материјал и на фрескоживописот“ во црквите и манастирите во Прилепскиот регион.

Според кустосот, историчар на уметноста Мимоза Христоска која го води проектот, ова е прв пат да се спроведе целосна реевиденција на иконографството, фрескоживописот и архитектурата на црквите и манастирите во Регионот.

- Огромно е ова културно богатство. Проектот почна во 2016 година и беше опфатен регионот на Крушево и Kривогаштани, а годинава се работеше во Долнени и во прилепскиот дел на Мариово. В година, кога ќе се заокружи проектот, ќе се реевидентира иконографското богатство и фрескоживописот во црквите и манастирите во Прилепско, односно градот Прилеп и околината. Тоа е и најобемниот дел од реевиденцијата, вели Христоска.

Во овие две години се опфатени 100-ина цркви и манастири и на пописот се ставени околу 1.400 артефакти. Добар дел има нови, никогаш не се евидентирани.

- Лани во Крушевско и Кривогаштанско беа опфатени 28 населени места со нивните цркви и манастири, а годинава во Долненско и Мариовско беа посетени 54 населени места со нивните цркви и манастири. Сега, со реевиденцијата е направен попис на целата иконографија, и на фрескоживописот и на иконите. Евидентирани се нови икони кои претходно не биле на пописот на евиденција. Дојдовме до сознанија за нови пишани материјали, објаснува Христоска.

икони фески

Додава дека главно, иконопиството е од периодот од 16 до 19 век и е во релативно добра состојба. Најмногу има претстави на Свети Никола, на Богородица, на слики од Стариот и од Новиот завет.

- Најмногу доминираат крушевските мајстори, особено Дичо Зограф кој се среќава најчесто во Мариовскиот регион. Колку се постари, толку се повредни. На пример, највредните се од манастирот во Зрзе каде иконите датираат од 14 и 15 век, вели Христоска.

Во однос на заштитата од кражби во црквите, таа посочува дека главно се заштитени од Црковните одбори и од населението. Најмногу заштитени се во општина Долнени каде има поставено и алармни системи.

- Самите црковни одбори си презеле сопствена заштита на црквите. Се случувале кражби, но, последниве години се краделе пари, а не икони. Одборите поставиле алармни системи. Имало кражби на икони пред 10-15 години, но тие се пронајдени. Обично жителите знаат кој влегол во црквите. Но, главно, црквите во Регионот се заштитени од жителите, а Музејот има одлична соработка со нив и со Црковните одбори, вели Христоска.

Последната етапа од реевиденцијата во 2018 година, во Прилеп и Прилепско, ќе биде најобемната обврска со четирипати повеќе артефакти.

- Очекуваме да реевидентираме барем четирипати повеќе артефакти од оние реевидентирани во двете години и тоа ќе биде голем предизвик за Музејот. Прилепскиот регион е еден од регионите со најголемо вакво културно богатство, веднаш по Охридскиот. Само за пример, неисцрпно богатство има во најстарата населба во Прилеп, Варош, а тука се и манастирите „Свети Архангел Михаил“, па Трескавец од 12 век, вели кустосот од прилепскиот „Завод и музеј“, Мимоза Христоска. 

Ново на Сител