Бизнис
9. March 2018 - 17:30

Најголем дел од српското брашно ќе се контролира во Македонија

За увозот на 95 проценти од српското брашно во Македонија контролните маркички ќе се лепат кај нас, односно ќе се добиваат по добиената анализа од Агенцијата за храна и ветеринарство, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одговарајќи на новинарско прашање колку ова брашно е безбедно и контролирано.

Тој смета дека јавноста треба да е добро информирана за тоа што е договорено на средната со потпретседателот на српската влада, Расим Љаиќ пред неколку денови.

- За брашното од еден до пет 5 килограми тешко контролните маркички да се лепат тука во Македонија и тие ќе останат да се лепат во Србија. Но, тоа е пет проценти од вкупниот увоз на брашно од Србија, кој годишно изнесува 40 илјади тони. За 95 проценти останува новиот правилник, со кој е предвидено маркиците да се лепат во Македонија, односно да се добиваат по добиената анализа во Агенцијата за храна и ветеринарство. Граѓаните не треба да бидат загрижени, бидејќи се работи за мали количини споредено со вкупниот увоз, а за најголемиот дел останува новиот принцип на контрола со лепење на маркици тука, одговори министерот Николовски.

Тој додаде што со Србија на долг рок ќе се решаваат и многу други прашања од областа меѓусебната стопанска соработка и веќе на 15 март во Белград ќе се состане Мешовитиот комитет за меѓусебна соработка меѓу Македонија и Србија и при тоа се очекува да бидат решени и многу други прашања значајни за земјоделците.

На новинарско прашање за кои производи од Македонија Србија поставува царински и даночни бариери за извоз, министерот Николовски одговори.

- Проблемот е со оризот. Се прават анализи кои се чекат да стасаат дури 15 денови. Се прават во Ниш и на нив предолго се чека. Проблем е со извозот на водата и алкохолните пијалоци. Имаат нов правилник со кој се зголемува ПХ вредноста за месните производи. Ние ги нотиравме овие проблеми заеднички со Стопанската комора и Комитетот ќе има задача на првиот состанок да направи листа од двете страни за отстранување на сите бариери и одолговлекувањето на постапките, одговори министерот Николовски.

Тој додаде дека на долг рок ќе се отвори прашањето на взаемно признавање на сертификати и на други активности кои треба да значат кратење на постапките и процедурите и забрзување на протокот на стоки меѓу двете држави.