Бизнис
14. August 2019 - 16:36

Најголем дел од граѓаните сметаат дека државата не ги троши наменски парите од даноци

85 отсто од граѓаните не се задоволни како се трошат парите собрани од даноци, покажува анкета спроведена на Невладините. Само 6 проценти сметаат дека државата наменски ги троши овие средства. Според Асоцијацијата „Зенит“, ова покажува дека скандалите со корупција, злоупотребата на јавните средства и високите трошоци за набавка на луксузни стоки или неразумно високи патни трошоци на функционерите влијае граѓаните да се скептични дека повисоките буџетски приходи ќе бидат насочени кон социјално маргинализираните лица.

Податоците на Финансии покажуваат дека во првите шест месеци прибрани се 20 милиони евра повеќе од лани поради воведувањето на прогресивниот данок.

-Граѓаните не се сигурни дека дополнително собраните средства по основ на прогесивното даночење ќе стигнат на вистинското место. Државата треба или подобро на граѓаните да им објасни како овие дополнително собрани средства се трошат или можеби треба да направи законски измени, или измени во начинот на кој се мониторира трошењето на јавните средства за да се осигура дека тие завршуваат онаму каде што навистина треба да завршат, вели Александар од асоцијалцијата „Зенит“.

Даночните експерти, пак, велат дека многу би било подобро кога прогресивното даночење би се разгранило и така би дало многу поголем ефект. На бизнисот во моментот многу поголем проблем му задава сивата економија отколку висината на даночните стапки и државата мора да најде начин за да ја намали.

-Очигледно дека ако ги следиме компаративно искуствата од балканските земји дека прогресијата која што ќе биде на повеќе нивоа, на повеќе стапки, иако посложена ќе даде значително поголеми ефекти и ќе значи значително повеќе прибирање данок од една страна. Но од друга страна, товарот нема толку да се чувствува бидејќи овој скок од 10 на 18 отсто е прилично стрмен, вели даночниот експерт Павле Гацов.

Генералната оценка е дека прогресивното даночење ги дава посакуваните резултати, но се уште е рано за да се добие големата слика. Засега бизнисите не се селат во соседните држави, како што се стравуваше.

Според експертите, моменталната политичка ситуација во земјава е лоша и за бизнисот, но и за прибирањето даноци.