Македонија
22. November 2021 - 16:42

Најблиските тврдат дека не ја сакаат позицијата на Заев, утре почнува постапката за избор на нов лидер на СДСМ

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев утре треба да ја поднесе оставката за својата партиска позиција пред членовите на Извршниот и Централниот одбор. Засега името на неговиот наследник останува на ниво на шпекулации иако од новиот прв социјадемократ се очекува да биде и нов мандатар на Владата доколку СДСМ и ДУИ обезбедат мнозинство во парламентот.

Оние функционери на СДСМ кои јавно говорат велат дека нема да се кандидираат за партиски лидер. Вицепремиерот и генерален секретар на СДСМ Николовски не се гледа на таа позиција.

Слично на него размилива и министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Спасовски. Тој дури смета дека потребно е Заев да остане и на чело на партијата и на Владата.

Министерката Царовска, која по локалните избори најави дека се повлекува од потпретседателското место во СДСМ, не сакаше да открие кој би можел да биде наследникот на Заев, но вели дека потегот со оставката е чин за почит.

Иако тој самиот не потврдува дали ќе влезе во партиската трка, името на заменик министерот за финасии и дел од раководството на СДСМ Димитар Ковачевски се уште е најспоменувано за наследник на Заев откако тој во петокот учествуваше на лидерската средба Заев – Гаши за ново мнозинство.

Ковачевски пак, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски не е некоја промена од корист за граѓаните, туку потег со кој Заев се обидува да ја изманипулира јавноста.

„Овој потег на Заев го ценам како веслање на суво. На овој начин тој повторно се обидува да ја навреди интелигенцијата на македонскиот народ. Ако мисли дека со тоа што номинира лице коешто е релативно непознато за јавноста и дека на тој начин јавноста ќе заборави дека 52 месеци се тие власт и дека 52 месеци ја пљачкосуваат, понижуваат и распродаваат Македонија…. Не мислам дека од ова ќе излезе значаен и квалитативен исчекор, бидејќи овој човек (Ковачевски) досега беше заменик-минисер за финансии и ние во тој период немаме некаква брилијантна реформа во сферата на монетарната политика...“, коментира Мицкоски во своето последно интервју.

Заев е на чело на СДСМ од 2013 година. 

По констирањето на оставката од Извршниот и Централниот одбор, согласно партискиот статут, Извршниот одбор во рок од 15 дена од денот на престанување на функцијата треба да донесе одлука за вантрепартиски избори во која ќе го одреди и нивниот датум.