Македонија
9. October 2015 - 12:53

Најавениот дожд неповолен за земјоделските култури

Врнежите од дожд што ја зафатија Македонија во изминативе денови и ќе продолжат викендов и на почетокот на следната седмица не им годат на земјоделските култури, а не се посакувани и за некои работи во замјоделското производство кои се актуелни во овој момент и ќе значат блокада на производството во периодот на интензивни подготовки за престојната есенска сеидба, оценуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

- Врнежите ќе предизвикаат сериозни проблеми кај бербите на касните десертни сорти грозје, касните сорти овошки, бербите на градинарските култури на отворено, потоа есенската сеидба која не може нормално да отпочне, прават проблеми при жетвата на оризот, жетвата на пченката и сончогледот кој остана на нивите токму поради врнежите од крајот на минатиот месец, велат од УХМР и нагласуваат дека поради постојната облачност нема опасност од појава на есенски мразеви во ноќните часови.

Тоа, потенцираат,  ќе им овозможи на производителите на тутун да соберат поголеми количества тутунски лист од врвните инсерции кои се најквалитетни, но само доколку добро се исушат, за што  условите секојдневно се влошуваат.

- Високото количество на влага во почвата веќе придонесува за намалување на шеќерите во плодовите, со што се намалува и нивниот квалитет, потенцираат од УХМР.

Според прогнозата на УХМР, времето денеска во Македонија ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд кои повеќе ќе бидат застапени во западните делови. Ќе дува слаб ветер до умерен ветер од променлив правец.

Во вечерните и ноќните часови земјава ќе биде под вијание на нов влажен бран од Медитеранот од кој ќе има повремени врнежи од дожд. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 21 степени.

Во Скопје времето ќе биде слично со максимална температура од 20 степени. Воздушниот притисок ќе достигне до 981 хекто паскали, влажноста на воздухот ќе биде 72 проценти, а брзината на ветерот ќе изнесува 2 метри во секунда.

Утре и в недела нашето подрачје ќе остане под влијание на влажна воздушна маса од Медитеранот. Времето ќе биде облачно со врнежи од дожд кои на повеќе места ќе бидат обилни. Локално се очекува да наврнат околу 50 литри на метар квадратен воден талог, особено во западните и северните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер кој на места ќе достигнува брзина над 60 километри на час.

Врнежливото време ќе продолжи и на почетокот на следната седмица.