Бизнис
7. November 2016 - 9:21

Најавени четири нови инвестиции со над 1300 нови работни места

Четири нови странски инвестиции кои треба да отворат над 1.300 нови работни места во Македонија најави  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Едната е од чешка компанија, „Локо Транс“, која треба да отвори нов погон за одржување шински возила во Скопје и треба да вработи 600 лица, втората е на американска компанија што ќе инвестира во Битола и треба да вработи 300 лица, третата е браунфилд инвестиција од словенечка компанија  во Крива Паланка со почетни вработувања на 50 лица и четвртата инвестиција е на американската компанија Амфенол која треба да гради нов погон за автомобилски делови во Кочани и да обезбеди нови 400 работни места.

- Ние сме препознатливи по носењето инвестиции кои отвораат нови работни места. Сигурно се сеќавате на времето кога слушавме само вести во кои фабрики се затвораа, работници се отпуштаа од работа, ние дури и во состојба на криза го намалуваме бројот на невработени и носиме инвестиции подобрувајќи ја бизнис климата…Не е попусто што Светската банка не прогласи за држава која е петта најдобра во Европа и десетта најдобра во Светот според добрата бизнис клима, добрите услови за правење бизнис. Се објави дека од нас во Европа со подобра бизнис клима се само Данска, Англија, Шведска и Норвешка, кои пак од друга страна имаат многу високи трошоци за правење бизнис. Е затоа секој месец имаме најави или почеток на градба или почеток со работа на неколку нови инвестиции, рече Груевски во обраќањето на Годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека овие инвестиции ги најавува само два дена откако американската фабрика Леар официјално почнала со работа во Тетово и ќе обезбеди вработување за најмалку 2.000 лица, од кои, како што рече, 500 веќе работат.

- Прва добра вест е дека една голема компанија од Чешка која се занимава со железнички транспорт и шински возила донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи најмалку 600 невработени лица, при што во првата фаза ќе вработи 150 до 200 лица. Тие планираат да отворат нов погон за одржување шински возила во Скопје, со кој ќе ги сервисира активностите поврзани со железнички транспорт на компанијата во повеќе земји од поширокиот регион. Се планира инвестиција во вредност од 20 милиони евра, и се очекува изградбата да почне во првата половина на 2017-та, и за неполна година да почне со работа, рече Груевски.

Втора добра вест, според него е, влезот на американска компанија на македонскиот пазар со отворање канцеларија во Битола со план да вработи 300 лица.

- Тие обезбедуваат техничко административна поддршка на осигурителната индустрија, маркетинг услуги и преку социјалните медиуми, и медицинско кодирање на итни центри за грижа во Америка. Она што е предност е што ќе се вработат млади и добро квалификувани дипломци за што ќе се обезбеди и професионален тренинг, рече Груевски.

Третата инвестиција, информира тој, треба да биде во Крива Паланка. Словенечка компанија во браунфилд објект ќе отвори производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар.

- За почеток ќе започнат со 50 вработувања со развојни планови за раст и за градба на гринфилд објект, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Четвртата инвестиција треба да биде на американската компанија Амфенол, која, како што рече тој, почнува со градба нов погон за автомобилски делови во Кочани.

- Амфенол веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на третата фабрика и четврт погон треба да заврши во средината на 2017-та и да отвори нови директни 400 работни места. Со сите нивни фабрики постоечки и новата Амфенол ќе достигне 2.500 нови вработувања, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ.