Свет
6. September 2016 - 8:31

Наградата „Нансен“ за грчките спасувачи доброволци

Повеќе од 2.000 грчки спасувачи доброволци, кои минатата година спасија илјадници мигранти при нивниот обид преку Средоземно Море да стигнат до Европа, се добитници на годинешната награда „Нансен“ на Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР), соопшти организацијата.

Грчкиот спасувачки тим (ХРТ) ќе ја подели престижната награда со активистката за човекови права на Лезбос, Ефи Латсуди, која помогна во обезбедувањето сместување за илјадници бегалци на грчкиот остров, се наведува во соопштението.

УНХЦР го пофали ХРТ „поради неговиот 24-часовен напор да спаси бегалци и мигранти, кои се во неволја на море“, а Латсуди „поради нејзината грижа за најзагрозените бегалци и мигранти кои пристигнуваат на Лезбос“.

Повеќе од 850.000 луѓе, од кои мнозинството побегнале од војните во Сирија, Ирак и Авганистан, пристигнаа во текот на минатата година на грчките острови, ризикувајќи ги своите животи во небезбедните чамци со кои се превезувале.