Македонија
5. July 2017 - 16:07

Надлежните смируваат- се работи за афтершокови, објектите се безбедни

Експертите од ИЗИС категорични, објектите од витално значење во  Охрид се безбедни и можат да издржат и посилен земјотрес.

Граѓаните да бидат смирени, бидејќи според извршение теренски проверки освен старите градби, останатите куќи, згради и објекти се асеизмични.

Кај постарите градби и не прописните надградби очекувани се штети какви што и до сега беа пријавувани од граѓаните. Оштетени ѕидови, пукнатини,  паднати оџаци,балкони, доградби се типични за овој вид објекти.

По седницата во главниот штаб на ЦУК, директорот на ИЗИС апелираше јавноста да не наседнува на лажните информации и предвидувања за нови и посилни земјотреси. 

Земјотресите кои и во текот на вчерашната ноќ ги вознемирија охриѓани се очекувани афтершокови вели Гаревски.

Телефонскиот број на ЦУК  195 е отворен 24 часа и оттаму повикаа граѓаните да бидат внимателни и да ги следат само препораките од надлежните институции.

Од Регионалниот центар за кризи информираа дека локалната самоуправа од утре ќе почне со теренска проверка за утврдување на штети предизвикани од серијата земјотреси.