Македонија
5. May 2017 - 16:45

Над осум илјади жители на Општина Кратово од денеска ќе пазаруваат во новотворениот зелен пазар

Над осум илјади жители на Општина Кратово од денеска ќе пазаруваат во новотворениот зелен пазар во центарот на градот. Пазарот свечено го отворија градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, и претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љубисав Иванов – Ѕинго. На свеченоста присуствуваа министри, пратеници, градоначалници и локално население.

-Финансиската конструкција за изградба на овој пазар е околу 25 милиони денари. Средствата се обезбедени преку Министерството за финансии, кое овозможи Општина Кратово да земе кредит од Светска банка. Реализацијата на проектот траеше една година и овозможи одлични услови и за продавачите кои ќе го користат пазарот, но и за купувачите – истакна Андоновски.

Пазарот се простира на површина од 2.000 квадратни метри со 125 тезги на кои ќе се продаваат земјоделски производи, а има и дел наменет за продажба на текстил. Објектот е од затворен тип, ќе работи во петок и сабота, со обезбеден простор од 500 квадратни метри за паркирање.

Новиот пазар предизвика големо задоволство кај продавачите, но и кај муштериите.
-Задоволен сум од условите што ги нуди новиот пазар и мислам дека имаме еден од најубавите пазари во земјава – ни рече еден долгогодишен пазарџија.