Свет
19. October 2015 - 19:13

Над 9.000 имигранти влегле во Шведска во последните седум дена

Во Шведска во последните седум дена влегле рекорден број од 9.000 имигранти. Во јуни и јули бројот на имигрантите беше соодветно 6.619 и 8.066, а само во последната седмица во земјата влегле рекордни 9.179 лица, според податоци на шведската имиграциска служба.

Од почетокот на годината во Шведска пристигнале над 95.000 бегалци, со што 9,5-милионската земја е прва според број на бегалци по глава на жител. 

Шведскиот премиер Стефан Ловен претходно изјави дека доселениците во Шведска може да достигнат 150.000.

Оваа година од државниот буџет беа одделени 17,4 милијарди круни (2,04 милијарди долари) за трошоци, поврзани со приемот на бегалци.