Свет
23. February 2016 - 12:57

Над 800 исламисти од Германија се бореле во Сирија и Ирак

Повеќе од 800 радикални муслимани биле дел од терористички групи, како Исламската држава, во Ирак и Сирија, објави германската Федерална криминалистичка полиција (БКА).

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, една третина од тие луѓе или околу 260, веќе се вратиле во Германија.

Според информациите на БКА, бројот на „патувачки џихадисти“ повторно се зголемува, откако минатата година трендот што во Ирак и Сирија донесе над 30 илјади странски борци, од кои голем дел од европските земји, започна да се намалува.

БКА наведува дека досега околу 130 џихадисти со престој или државјанство во Германија, загиннале во конфликтите во Сирија и Ирак, од кои дел животите ги загубиле како бомбаши-самоубијци.

Федерална криминалистичка полиција поседува детални информации за 677 терористи, кои во 2015 година патувале во Сирија и Ирак. Најголемиот дел од ннив се млади луѓе на возраст меѓу 22 и 25 години, а над 60 отсто од нив имаат германско државјанство. Една шестина од овие џихадисти или над 110 преминале од Христијанство во Ислам.