Македонија
30. January 2016 - 15:41

Над 45 милиони денари инвестирани во нова опрема на ТОАРИЛУЦ

Министерството за здравство на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) набави нова најсовремена медицинска опрема во вкупна вредност од над 45 милиони денари, изјави денеска министерот Никола Тодоров.

Тодоров за време на денешната посета на Клиниката за ТОАРИЛУЦ нагласи дека набавената нова опрема веќе се користи во Клиниката, како и дека претходно се реновирани операционите сали и еден дел за полуинтензивна нега.

- Опремата се користи и од страна на нашите лекари и од лекари од странство кои што доаѓаат и заедно работат со нашите доктори. Претежно се тоа доктори од Турција и Словенија. Се работат исклучително сложени и скапи процедури, а посебно значајно е новиот апарат за неуромониторинг со кој се овозможува превенција и се оневозможуваат повреди на рбетниот мозок за време на операција и со тоа се намалува можноста за компликација и серизони лекарски грешки, истакна Тодоров.

Според Тодоров, станува збор за набавена вкупна опрема во вредност од над 45 милиони денари, претходно 30 милиони и сега уште 14,5 милиони денари, која што е веќе ставена во функција и се користи од лекарските тимови на клиниката.

- Оваа година клиниката има значително зголемен буџет во однос на претходната година и тоа зголемен за 50 милиони денари. Тоа ќе овозможи подобро функционирање на клиниката од финансиски аспект и можност за воведување на нови методи, нагласи Тодоров. Вкупниот буџет на клиниката годинава е околу 443 милиони денари.

Директорот на ТОАРИЛУЦ Реџеп Селмани рече дека со комплетирање на спиралниот центар и со новата опрема бројот на пациенти што се третираат е значително зголемен.

- Минатата година бројката е зголемена на 121 интервенција. Се третираат пациенти со проблематика од спинална хирургија, како фрактури и траума на рбетен столб, дегенеративни промени и деформитети и други болести, истакна Селмани, додавајќи дека веќе тука се практикуваат доста сложени операции, кои се вршат со помош од доктори од странство.