Македонија
12. September 2019 - 15:42

Над 400 пријави до Општина Карпош за непријатна миризба/оган на отворено

Преку телефонската линија што ја отвори Општина Карпош, 078 – 257 – 640, за пријавување на непријатна миризба/оган на отворено, до овој момент пристигнале повеќе од 400 пријави.

Од Општина Карпош информираат дека како резултат на отворената телефонска линија, инспекциските служби на Општината дале придонес во локализирање и гасење на пожар на територија на Општина Сарај во населено место Свиларе, на 5 септември, како и еден пожар локализиран на Скопска Црна Гора, на седми септември годинава.

По спроведените теренски контроли, како и по пријавите од страна на граѓаните, од Општината велат дека на територија на Карпош не се евидентирани огнови на отворено, туку најчесто непријатната миризба доаѓа од околните скопски села и од Општина Сарај.

-Инспекциските служби постојано комуницираат со Противпожарната служба, градскиот инспекторат и секторите за инспекторат на други општини, со цел веднаш да се детектираат критичните места од каде што се шири непријатна миризба, посочуваат од Општина Капрош.

Од Општината апелираат до сите граѓани кои се јавуваат на телефонската линија да пријавуваат единствено непријатна миризба или оган на отворено, да не ја користат линијата за други теми и проблеми, со цел да се овозможи поголема ефикасност и експедитивност на службите. Телефонскиот број функционира до 23:30 часот, а потоа граѓаните можат да пријавуваат на 193.

-Борбата со аерозагадувањето може да се добие единствено со сериозна и посветена работа од сите чинители во општеството. Општина Карпош продолжува со сите ресурси да делува за справување со аерозагадувањето, како еден од најсериозните проблеми во нашата држава, се наведува во соопштението на Општина Карпош.