Бизнис
26. јуни 2016 - 16:54

Над 40 милиони евра ќе се вложат во градежни проекти од инфраструктурен карактер за младите

Повеќе од 40 проекти во насока на подобрување на животниот стандард на младите се спроведуваат во Македонија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 25-от роденден на УМС истакна дека активно се работи на реализација на проектите кои масовно се користат од младата популација во државата. Бесплатниот автобуски и железнички превоз, бесплатното патување за најдобрите студенти, “купи куќа за млади”, вработување на најдобрите дипломци. Ова според Груевски се само мал дел од проектите кои значително го кренаа стандардот на младите во Македонија.

- Секој студент запишан на некој од државните универзитети во квотата со кофинансирање, врз основа на што плаќал надомест од 400 евра на годишно ниво, доколку по завршена втора студиска година на прв циклус на студии, практично по положувањето на сите дотогашни испити, оствари просечна оценка над 8.5, по автоматизам ќе биде префрлен во државна квота и ќе плаќа за 50% понизок надомест во преостанатиот период на студирање, односно 200 евра на годишно ниво.

Според Груевски само за проектите од инфраструктурен каракатер наменети за младите ќе бидат вложени над 40 милиони евра. Дел од овие проекти ќе биде и изградата на три целосно нови студентски домови.

- Еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, се објави тендер за градба и веќе се пристигнати 15тина понуди и во тек е нивна евалуација по што ќе се направи избор на најповолните понудувачи, односно идни изведувачи на градежните работи, по што по завршување на летото, ќе започне нивната градба.

Груевски во своето обраќање истакна дека огромно внимание се посветува и на спортските инфраструктурни проекти наменети првенствено за младите генерации, меѓу кои 20 фитнес зони на отворено, 150 игралишта за кошарка, изградба на отворен пливачки базен во Шуто Оризари.