Бизнис
5. July 2016 - 17:44

Над 30 милиони денари во Ново Село за рурален развој

Над 30 милиони денари и се доделени на Општина Ново Село за реализација на проекти преку Програмата за рурален развој од 2010 година до денес, истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостпанство Ванчо Костадиновски, кој денеска направи увид во проектите од Програмата за рурална инфраструктура.

Преку Програмата се финансира изградбата на пристапен пат од село Колешино до Колешинските водопади во должина од 1.300 метри и ширина четири метри.

- Едниот проект, пристапниот пат до Колешински водопади, место кое е посетувано од голем број туристи, значи многу не само за жителите, туку и за гостите. За таа цел се наменети 12 милиони денари и во најголем дел се завршени работите. Скоро е во завршна фаза и пристапниот пат долг 1.300 метри, широк четири метри што е голема придобивка за оние кои пристапуваат кон ова излетничко место. Ова е само еден од многуте проекти кои ги реализира Ново Село, рече Костадиновски.

Со Програмата за рурален развој во општината Ново Село, додаде, се уредуваат и пристапите кон седум населени места за што последниве две години биле обезбедени 9,5 милиони денари.

- Пристапите се уредуваат во Сушица, Зубово, Ново Село и уште неколку населени места. Се уредува просторот со парково зеленило, со урбана опрема, клупи, играчки за деца, реквизити за помладите. Нашата цел е да го подобриме квалитетот на живот во руралните средини за да може земјоделците, и по крајот на работните обврски, да имаат пристојно место за одмор, разговор, дружење. За таа намена обезбедивме  9,5 милиоини денари, информира заменик-министерот.

Според него, од 2010 до 2013 година преку Програмата за рурален развој за Ново село биле обезбедени 11 милиони евра, со што вкупната финасиска корист за општината досега изнесува над 30 милиони денари. 

Костадиновски посочи дека ресорното Министерство преку оваа Програма обезбеди 50 милиони евра за да се подобри квалитетот на животот во руралните средини.

Посетата на струмичкиот крај, Костадиновски ја искористи за посета на откупни пунктови на бостан. Откупот, оцени, се одвива без проблеми. 

- Имајќи го предвид фактот дека пазарот е оној што ја диктира центата, има голема побарувачка за познатиот струмички бостан и нема поголеми проблеми за земјоделците што за нас како Влада и земјоделство е најважно. Во фокусот ни се примарните производители, но и откупувачите велат дека се е во најдобар ред. Се откупуваат големи количини бостан по цени прифатливи за сите и се бара килограм повеќе. Задоволни сме со пласманот и кога земјоделците ќе имаат добра цена за своите производи, напомена Костадиновски.