Македонија
5. April 2016 - 11:15

Над 2.550 места во кумановските средни училишта за упис во 2016/2017 година

Во трите стручни училишта и двете гимназии во Куманово има над 2.550 слободни места. Во кумановската гимназија „Гоце Делчев“, според објавениот Конкурс на Министерството за образование и наука, во прва година ќе се запишат 374 ученици во 11 паралелки.

Од нив 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 34 ученици во една паралелка со настава на српски јазик. Шеесет поени се потребни за упис во гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“ - во оваа гиманзија, пак, ќе се запишат 272 ученици во осум паралелки со настава на албански јазик.

Средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“ нуди можност за упси во прва година на 510 ученици во 15 паралелки, од кои 374 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик и 136 ученици во четири паралелки со настава на албански јазик.

Во ова училиште учениците имаат можност да избираат  четири струки - земјоделско-ветеринарна струка, за која се предвидени седум паралелки, по три за хемиско-технолошката и лични услуги и две паралелки за машинската струка.

Во средното општинско училиште „Перо Наков“ во прва година можат да се запишат 714 ученици во 21 паралелка - 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 374 ученици во 11 паралелки со настава на албански јазик. Ова училиште има две струки економско-правна и трговска струка во која можат да се запишат 442 ученици во 13 паралелки, и текстилно-кожарска струка која нуди места за 272 ученици во осум паралелки.

Општинското средно техничко училиште „Наце Буѓони“ има слободни места за 684 ученици во 21 паралелка - 330 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик и 354 ученици во 11 паралелки со настава на албански јазик. Училиштето нуди машинска струка, електротехничка и здравствена струка. Во машинската предвидено е да се запишат 184 ученици, во електротехничката 330 ученици, а во здравствената 170 ученици. 

Во средното општинско училиште „Исмет Јашари“ во Липково во прва година ќе се запишат 136 ученици во четири паралелки на албански наставен јазик.

Според Конкурсот на МОН, првиот уписен е на 28 и 29 јуни, а има и августовски уписен рок. 

Објавен е и Конкурсот за упис на ученици во ученичките домови. Во кумановскиот ученички дом „Професор Мијалковиќ“ има 120 слободни места за упис на ученици кои се редовно запишани во четирите години од средните училишта.

Учениците кои ќе конкурираат во првиот уписен рок, треба да ја достават документацијата од 29 јуни до 8 јули 2016, а во вториот уписен рок од 22-ри до 30 август 2016. Оние кои веќе престојувале во ученичкиот дом, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 6 јули