Бизнис
21. December 2015 - 11:37

Над 2.000 нови работни места со проект за пазарна вработливост

Со 6,25 милиони франци, грант од Швајцарската конфедерација, во наредните четири години во Македонија треба да бидат отворени над 2.000  работни места и да се зголеми нето приходот за 1,5 милиони евра на над 1.000 мали и средни претпријатија.

Станува збор за проект „Зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ)“, на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), што ќе го спроведува „Свисконтакт“ во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.

- Проектот со методологијата за системски развој на пазарот се надополнува со економските програми на Владата насочени кон зголемување на економскиот раст и вработувањето, внесување иновации, забрзан технолошки развој и подобрување на конкурентноста на македонските компании, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешното потпишување на меморандумот за соработка за програмата со в.д. амбасадорката на Швајцарија во Македонија Катарина Штокер.

Пешевски истакна дека особен фокус, како и во други мерки кои ги спроведува Владата, ќе биде поставен на подобрување на можностите за вработување на младите лица и жените. - Нашиот интегриран пристап кон зајакнување на економијата на РМ дава одлични резултати. Тоа се докажува со создавање на над 150.000 нови работни места во изминатите осум години и намалувањето на невработеноста која во овој момент е на рекордно ниско ниво од 25,5 проценти, рече вицепремиерот Пешевски.

В.д. амбасадорката Штокер нагласи дека зголемувањето на пазарната вработливост е една од клучните програми кои ги поддржуваат во оваа фаза која ќе трае четири години со потенцијал за натамошно продолжување. - Целта е да се создадат повеќе можности за постојано вработување  или самовработување особено за млади и за жени и тоа треба да се постигне со систематско развивање на пазарот. Треба да резултира и со зголемен пораст на приватниот сектор, а се очекува да произведе над 2.000 работни места и да го зголеми нето приходот на над 1.000 мали и средни претпријатија, рече Штокер.

Активностите во програмата се фокусирани на секторите туризам, креативна индустрија и зелена економија. Во соработка со приватниот сектор ќе се работи на подобрување на можностите за зголемен пристап до меѓународните, регионалните и домашните пазари, на развој на производи, пристап до финансии и квалификувана работна сила со цел да се обезбеди раст на претпријатијата.

На туристичките дестинации Охрид, Маврово и Крушево треба да им се помогне во искористување на целокупниот потенцијал на историското, природното и културното наследство преку методологија за соработка во управувањето со дестинациите на Универзитетот „Ст.Гален“. Ќе се подобрува давањето услуги и ќе се збогатува туристичката понуда. Тоа треба да привлече повеќе туристи, а со тоа и економски раст и вработувања.

Во креативните индустрии се поддржуваат потсекторите за софтверски и информатички услуги и дизајн на производи. ИМЕ треба да ги олесни промените со кои македонските компании кои развиваат софтвер и нудат услуги за дизајнирање производи ќе добијат поголемо учество на домашниот и на светските пазари.

Органското земјоделство и енергетската ефикасност во градежниот сектор, пак, ќе добијат поддршка со планираните активности во зелената економија. Органското земјоделство и производителите, според најавата, ќе имаат полесен и поприфатлив пристап до средства и ќе понудат разновидна и постојана испорака на органското производство. Давателите на услуги за одржливост во градежниот сектор ќе обезбедат интегрирани, одржливи и ефикасни решенија за заштеда на енергија.

Швајцарско-македонската соработка, посочи, постојано се зголемува и денес Швајцарија е најголемиот билатерален развоен партнер во Македонија со 80  милиони швајцарски франци  за периодот 2013-2016 година.