Македонија
10. July 2021 - 16:43

Над 200 килограми небезбедна храна уништена во туристичките центри низ државата

Агенцијата за храна и ветеринарство затекнала и уништила над 200 килограми небезбедна храна во најголемите летни туристички центри во земјава. Во изминатите три дена инспекторите спровеле околу 110 вонредни контроли во угостителски објекти и продавници во Охрид, Струга и Дојран, каде најчесто се констатирале прекршоци кои се однесуваат на храна со поминат рок или лоши хигиенско-технички услови за чување на производите.

При тоа, изречени се 2 забрани за вршење дејност, 16 парични казни и 45 наредби за отстранување неправилности или мерки за едукација.

Од АХВ апелираат потрошувачите при купување особено да внимаваат на рокот на траење и на тоа каде и како се чуваат производите, а доколку забележат неправилност да пријават во инспекторатот.

АХВ ќе продолжи со засилени контроли во наредниот период во сите туристички центри во земјава, со цел да се спречат евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно може да се случат како последица на високите температури и несоодветното чување на производите.