Балкан
5. July 2016 - 10:02

Над 1,5 милиони Грци емигрирале во 20 и 21 век поради кризи

Грција е држава со голема емиграција и тој феномен покажува дека заради кризи во 20 и 21 век државата ја напуштиле 1.764.000 Грци, се вели во извештај на грчката Централна банка.

- Миграцијата и сиромаштијата се двата најголеми фактори за несреќа на едно општество кое живее во перманентна криза, изјави за Катимерини Софија Лазарету економист во Банката.

Според статистиката, од 2008 година досега бројот на луѓе кои ја напуштиле државата на возраст од 15 до 64 години е над 427 илјади.

Во 2013 година имало тројно повеќе емигранти Грци во споредба со 2008 година. Таа појава продолжила и во 2014 година и се заострила во првата половина на 2015 година.

– Тој процес трае и не може да се прогнозира кога ќе заврши. Со сигурност може да се каже дека е тоа третата масовна емиграција на Грци (првата од 1903-1917, втората од 1960 до 1972 година и третата од 2010 досега), додава Лазарету.