Македонија
31. May 2020 - 19:59

Над 130 мигранти пронајдени во камион ладилник во близина на Гевгелија

Укинувањето на полицискиот час ја раздвижи илегалната миграција. За само два дена во неколку одделни случаи полицијата откри преку 140 илегални мигранти. Последните два се регистрирани синоќа. 

Во првиот, во сканија ладилник со скопски регистарски ознаки откриени се 113 мигранти од кои 110 биле од Бангладеш. Возилото го управувал 30 годишен државјанин на Косово, а полицијата го запрела на автопатот Гевгелија - Демир Капија во близина на клучката Миравци. Возачот е приведен и по документирањето на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Втората група од 19 мигранти е откриена неколку часа порано на автопатот Демир Капија - Неготино, кај селото Тремник. Мигрантите се откриени откако две возила, од кое едно со скопски, а друго  со струшки регистарски ознаки возејќи по автопатот во спротивен правец удриле неготинска опел корса. Во несреќата со телесни повреди  се здобила  сопатничката во опел корсата поради што била пренесена во болницата во Неготино за укажување на лекарска помош. 

Возачите на останатите две возила побегнале од местото на несреќата. во непосредна близина биле пронајдени 19- те мигранти. При контролата тие потврдиле дека претходно се возеле со двете возила.  

Целиот случај со ова не завршил. Додека траел увидот за несреќата,  уште еден мерцедес, овој пат со скопски регистарски ознаки чиј возач засега е непознат без да застане ги поминал двете полициски и продолжил со движење притоа ударајќи во  возилото опел корса. Но,  и тогаш не застанал туку продолжил со движење. Откако поминал околу еден километар, возачот запрел, го оставил возилото и заедно со патниците побегнале. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и на двата случаи.  

Ден претходно на патот Богданци – Гевгелија,  полицијата откри уште една група од 13 мигранти. За нивниот превоз бил задолжен 22 годишен жител од Богданци кој не застанал на полицискиот знак туку продолжид да се движи. Поради не прилагодената брзина излетал од патот. Во прв момент и тој се обидел да побегне, но за кратко време е пронајден и предаден во СВР Струмица.